Бектеши: Вечер ќе прогласиме кризна состојба во енергетиката
Денеска Владата треба да прогласи кризна состојба во енергетската област. Таа треба да стапи во сила на 1-ви септември...

Владата вечерва ќе прогласи кризна состојба во енергетскиот сектор на национално ниво, најави министерот за економија Крешник Бектеши. Додаде дека ќе побара од МВР и другите надлежни институции да постапат во сите општини каде има големи загуби на струја, бидејќи според него, тие се на товар на сите потрошувачи на електрична енергија. Загубите на струја, како што рече, се признаваат како трошок кога се одредува цената за струјата.
Од понеделник екипите на ЕВН Македонија непречено ќе работат на терен во Општина Арачиново и на тој начин ќе почне да се наплаќа струјата во оваа општина, но и на други места, изјави Бектеши по состанокот со градоначалникот Ридван Ибраими.
Министерот за економија вели оти е точно дека има загуби на електрична енергија во Општина Арачиново, меѓутоа, како што посочи, загуба има и во Куманово – 16,2 посто, Тетово 10,7 посто, Гостивар – 19,3 посто, Кичево -12,1 проценти, Скопје – 19,6 отсто. Бектеши нагласи дека кај сите овие општини и останатите ќе се постапува согласно закон.
