Почнуваат Велигденските празници
Уште пред изгрејсонце домаќинките ги вапсаа првите велигденски јајца. Денеска е Велики четврток- почнуваат велигденските празници...

Баба Катица веќе вапсаше велигденски јајца. Според традицијата, на Велики четврток, пред изгрејсонце.
„Кога бев дете со мајка ми станувавме рано, го вапсувавме првото јајце, чувар-куќа, и потоа не поминуваше со јајцето по лице. Сега јас моите внуки ги поминувам со црвенојајце по образите за да ми бидат здрави“, вели баба Катица.
Нејзините внуки веќе ги научиле адетите.
„Ние и помагаме на нашата баба и кога ќе пораснеме, ќе продолжиме да ја негуваме традицијата“, вели Ксенија Миколовска- внука на баба Катица.
Вапсаното јајце е симбол на Велигден, на животот и на раѓањето.
„Јајцето е симбол на светот, тркалезно, но тоа е исто така симбол на живот. Го бојадисуваме со црвена боја која ја симболизира крвта Христова, која ги победува злото и гревот“, вели Отец Ивица Тодоров.
Според светото предание, се смета дека Марија Магдалена, една од жените мироносци прва го почнала овој обичај.
Велигденското јајце е старо колку и христијанството. Тоа е симбол на христовото воскресение. Според традицијата, за Велигден се подаруваат јајца, верниците си велат- Христос воскресе, вистина воскресе!
Андријана Атанасовска
