Македонија

Експерти за признавањето на МПЦ од РПЦ

26.08.2022 13:00

Синодот на Руската православна црква ја призна МПЦ – Охридска архиепископија, како автокефална сестринска црква. За експертите – признавањето е добредојдено и многу значајно, бидејќи станува збор за една од доминантните православни цркви, но велат важно е и како ќе биде внесено името на архиепископот Стефан во диптихот...

Македонската православна црква е признаена, но не се знае како ќе биде впишано името на архиепископот Стефан во диптихот од руската православна црква, вели за МТВ универзитетскиот професор Цане Мојановски. Во титулирањето на архиепископите и патријарсите кај православните цркви постојат определени специфичности или нијанси, објаснува тој. Инсистирањето на вселенската патријаршија и црквите кои се под нејзино влијание е да се титулираат врз основа на одредена историска или канонска црква.

Од Комисијата за односи меѓу верските заедници велат дека е ова очекувано и добредојдено особено после долгиот макотрпен период за почнување на овој процес на признавање.

Прашањата кои беа отворени со соопштението на светиот синод на вселенската патријаршија како и оние навестени во томосот на СПЦ повеќе или помалку добиваат своја канонизација и начин на решавање. МПЦ ќе ги најде најдобрите решенија, согласни се нашите соговорници.

Руската православна црква соопшти дека синодот одлучил да ја признае Македонската православна црква, Охридска архиепископијата, како автокефална сестринска црква, впишувајќи го името на нејзиниот претседател, неговото блаженство архиепископот охридски и македонски Стефан, во светите диптиси.

Фиљана Кока