На економијата ѝ се заканува енергетско цунами
Од Сојузот на стопански комори предупредуваат дека нè очекува енергетско цунами. Велат, не постои услуга или производ што може да поднесе цена на енергенсите од 600 до 700 евра по мегават час. Бараат да се ограничи цената на струјата, а остатокот да биде платен преку фондовите наменети за енергетска кризна состојба...

На македонската економија и се заканува енергетско цунами. Состојбите на отворениот пазар се надвор од контрола, не постои услуга или производ кој може да поднесе цена на енергентите од 600 до 700 евра по мегават час, предупреди претседателот на сојузот на стопански комори. Ангелоски ги претстави предлозите на ССК за помош на стопанството и рече дека поради превисоките цени на струјата се заканува затворање на фирми и банкрот.
Од ССК сметаат дека цената на електричната енергија мора да се ограничи на одреден начин, до одредено ниво да ја плаќаат компаниите, a над тоа да ја плаќа владата преку фондовите наменети за енергетска кризна состојба. Велат, ваков тип субвенции постојат во повеќе европски држави.
ССК побара укинување на ДДВ за фотоволтаици и опрема за монтажа на фотоволтаици, како и за инвертер клими и агрегати со кои може да се намали количината на енергија којашто се користи за загревање на објектите, да се воведе дополнителен данок за користење на енергетски неефикасни уреди за загревање, а во Скопје и во другите градови каде има можност треба да се обезбеди бесплатно приклучување на парно.
Од ССК предупредија дека енергетската криза ќе трае и побараа државата ако треба и да се задолжи за да помогне, а како што потенцираа, бизнисот тоа ќе го врати.
Александра Спировска
