Македонија

Каква е безбедноста на психијатрија?

26.08.2022 15:52

Институциите да го расчистат случајот со пациентката која падна од третиот кат на клиниката за психијатрија, бара адвокатот на семејството. Вели нејасно е каква е безбедноста и сигурноста на хоспитализираните на оваа клиника. Надлежните го испитуваат случајот. Државниот санитарен и здравствен инспекторат не констатирал недостатоци, а до обвинителството сè уште не е пристигната кривична пријава...

Адвокатот на семејството на пациентка на психијатриската клиника во Скопје, која падна од третиот кат на установата, бара институциите целосно да го расчистат случајот и да утврдат каде затаил системот. За него е нејасно каква е безбедноста и сигурноста на пациентите, хоспитализирани на оваа клиника. По падот од третиот кат, девојката две недели била во кома на торакална, со тешки телесни повреди по цело тело, ја изгубила слезината, повреден и е бубрегот и левото белодробно крило. Има и голем број скршеници по лицето, носот, забите. По две недели во кома, таа пред неколку дена се разбудила и е вратена на клиниката за психијатрија.

Од клиниката оставаат надлежните да го испитаат случајот и тврдат дека сите процедури се запазени и известени се сите институции. Формирана е комисија која утврдила дека се било направено како што треба.

Покрај сите обезбедени мерки за заштита (решетки, катанец) кои се наменски поставени од безбедносни причини уште во далечната 1995 година, и досега успешно превенирале вакви или слични инциденти, пациентката успеала да излезе надвор од објектот на клиниката и во случајот нема негрижа од страна на персоналот, стои во извештајот од Комисијата.

Од државниот санитарен и здравствен инспекторат велат дена не се констатирани недостатоци.

На ден 11.08.2022 година извршен е вонреден инспекциски надзор во ЈЗУ УК за психијатрија по налог на в.д. директор на ДЗСИ. При надзорот е констатирано дека клиниката формирала комисија која ќе ја испитува евентуалната одговорност на вработените на одделот каде била хоспитализирана пациентката. Не се констатирани недостатоци во надлежност на ДЗСИ. Велат од државниот санитарен и здравствен инспекторат.

Од министерството за внатрешни работи велат дека се преземени мерки за расчистување на случајот. Обвинителството информира дека до овој момент нема кривична пријава.

Ана Ј. Тодоровска