Обвинителството оформи предмет за смртта на пациентот од Берово
Штипското обвинителство отвори предмет за смртта на 25 годишниот пациент од Берово. Наредена ексхумација и обдукција на телото за да се утврди дали има лекарска грешка. Државниот санитарен и здравствен инспекторат веќе врши вонреден инспекциски надзор во Клиничката болница во Штип за да провери како Јован Димовски добил сепса по извршено дренирање на заб. Ќе се чешлаат и други болници…

Штипското Јавно обвинителство оформи предмет по допрен глас за смртта на пациентот од Берово, кој фатил сепса по хируршка интервенција на заб. Издадена е наредба за ексхумација и за обдукција на телото. Ќе се чешла целата медицинска документација за текот на лекувањето на 25-годишникот, во сите приватни и јавни установи каде побарал лекарска помош.
„Јавниот обвинител издаде Наредба за ексхумација, обдукција и идентификација на телото на починатото лице, која ќе ја изврши Институтот за судска медицина – Скопје. Обвинителството постапува со цел да ги испита наводите за евентуална лекарска грешка при третманот на сега починатото лице“, се вели во соопштението на штипското Јавно обвинителство.
Вонреден инспекциски надзор врз штипската клиничка болница врши и Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Под лупа и сите други установи каде починатиот побарало лекарска помош.
„Ќе се извршат и вонредни инспекциски надзори во сите здравствени установи каде пациентот побарал лекарска помош и тоа: матичен лекар, матичен стоматолог, Итна медицинска помош Берово и ЈЗУ ТОАРИЛУЦ-ОЕ за анестезија, реанимација и интензивно лекување – Скопје при што ќе биде обезбедена медицинската документација поврзана со лекувањето на пациентот“, се вели во соопштението на Државниот санитарен инспекторат.
По завршувањето на надзорот ќе се изготви комплетна информација, а се иницира и формирање комисија за стручен надзор. Семејството на 25-годишниот Јован Димовски тврди дека починал од сепса по дренажата на забот, а на клиниката во Скопје бил донесен во многу тешка состојба со системска инфекција и починал за помалку од 24 часа.
Марија Котовска
