Енергетска криза

Власта прави сè што може да го заштити бизнисот од ценовниот удар, тврди Бектеши

26.08.2022 16:50

72.000 македонски компании се на регулираниот пазар, со струја ги снабдува ЕСМ – министерот Бектеши тврди дека власта прави сè што може да го заштити бизнисот од ценовниот удар. Најголем е товарот врз големите компании, коишто се на слободен пазар. Бектеши признава дека има злоупотреби. ЕСМ уверува дека домашните капацитети ќе бидат во полна функција.

Владата на секој начин се трудела и ќе се труди да помогне на бизнис заедницата во услови на тешка енергетска криза, порача од РЕК Битола министерот Бектеши. Околу 72.000 мали компании во државата се на регулиран пазар на електрична енергија. Моментално тие добиваат цена од 200 евра по мегават час што е за неколку пати поевтина од онаа на слободниот пазар, кој го диктираат светските берзи, вели министерот Крешник Бектеши.

Од АД ЕСМ со оптимистички тонови. Велат, за нас рестрикции не се опција. Остануваме отворени со набавка од опкружувањето и сопствени извори да ги обезбедиме потребните количини на јаглен за зголеменото производство на електрична енергија. Првиот човек на државните електрани вели дека според плановите треба да се обезбедат околу 5,5 милиони тони јаглен, од кој пет милиони од сопствените ископи.

Што се однесува до производствениот план во однос на лани, тој е за 20% повисок. РЕК Битола и РЕК Осломеј за првите седум месеци од годината производството го зголемија за 40%, а хидроелектраните ги намаливме за 25% проценти за да ја чуваме хидроенергијата кога ќе биде најпотребно, вели Ковачевски.

Стевче Митревски