„Улогата на НАТО во Западен Балкан“
Украинската криза и пандемијата се клучните предизвици со кои се соочува светот. Стабилен и просперитетен Балкан и негова интеграција во Европската унија е придобивка за сите, истакна амбасадорката на САД во Македонија Кејт Брнс на Регионалната конференција на тема „Улогата на НАТО во проектирањето на стабилноста на Западен Балкан“, што се одржува во Охрид …

Украинската криза, безбедносните ризици, снабдувањето со енергија и пандемијата се клучните предизвици со кои се соочува Европа и Западен Балкан. Ова е заклучокот на регионалната конференција на тема „Улогата на НАТО во проектирањето на стабилноста на Западен Балкан“, што се одржува во Охрид.
Стабилен и просперитетен Балкан и негова интеграција во Европската унија е придобивка за сите, истакна амбасадорката на САД во Македонија Кејт Брнс.
„Важноста на вашиот придонес во Европа сите зборуваат колку е важно да се инвестира во овој регион всушност со самата безбедност и стабилност се придонес за Европа. Европа ќе има корист од еден ваков регион којшто е стабилен и просперитетен“, истакна Кејт Брнс амбасадор на САД во Македонија.
„Последиците од почетокот на војната се чувствуваат и во Северна Македонија во рамките на надворешната политика. Го поздравувам гласањето на Северна Македонија во ОН и приклучувањето кон сојузниците во одлуките кон осудување на војната како партнери може да се потпреме на Македонија. Принципот на единство и блокирањето на Русија се големи предизвици со коишто мораме да се соочиме во иднина“, истакна Анке Холштајн амбасадор на Германија во Македонија.
Предизвици има и на внатрешен план, а тоа е корупцијата и неуспехот на локалните политичари на патот кон евроинтеграциите, смета научната фела.
„Предизвиците доаѓаат и од внатрешните проблеми, неуспехот да се најдат решенија за проблемите кои го тиштат регионот од распаѓањето на Југославија до денес. Посебно проблемите околу демократизацијата високото ниво на корупција, огромните скандали кои се редат едни по други и во 30 години кои не успеаја локалните политички лидери да најдат начин како да го приклучат регионот во Евроатлантските интеграции“, вели професорот Методи Хаџи-Јанев.
„Влијанието на источните сили, тоа се најмногу влијанието од Русија, Кина и Турција кои прават дисбаланс помеѓу демократските и антидемократските вредности. И во тој контекст тоа е еден голем предизвик“, вели Моника Беговиќ претседател на Атлантскиот Совет на Хрватска.
Конференцијата е во организација на Одделението за јавна дипломатија на НАТО, Европскиот центар за безбедносни студии, НАТО Колеџот во Рим и невладината Маршал Центар. Професори, експерти и дипломати од областа безбедноста од балканските држави и ЕУ следните три денови ќе дебатираат и за превенција од глобалната закана за тероризам, радикализацијата и мигрантското прашање.
Соња Рилковска
