Македонија

Заврши 43. издание „Браќа Манаки“

27.08.2022 12:54

Пред синоќешното затворање на „Браќа Манаки“ на британскиот кинематографер Џон Метисон врачена специјалната „Камера 300“ за особен придонес во светскиот филм...

Со доделување на наградите за најдобрите филмови во сите жанрови и проекцијата на македонскиот филм „Снежана на крајот умира“ синоќа се затвори 43. издание на ИФФК „Браќа Манаки“. Специјален гостин на последната фестивалска вечер британскиот кинематографер Џон Метисон на кого му беше врачена специјалната „Камера 300“ за особен придонес во светскиот филм.

Ако отворањето на фестивалот беше во знакот на кинематограферот Ентони Дод Ментал добитникот на златната „Камера 300“ за животно дело ѕвездата на последната фестивалска вечер беше далеку помладиот британски колега Џон Метисон на кого министерката Костадиновска-Стојчевска му ја врачи специјалната наградата за особен придонес во светскиот филм. Директорот на фотографија на познатите филмски дела Робин Худ, Гладијатор, Ханибал и многу други нагласи дека „луѓето не знаат колку е тешко многу страници на црно бел текст да се преточат низ камерата на визуелен начин“.

„Ова не е обид да се зачува јазик на некоја група што го зборува, затоа што визуелниот јазик секој го разбира. Така и почнало се, била потребна музика но не и зборови. Кога снимале Браќата Манаки имало само слики, а нив сите ги разбираат“ изјави Метисон.

Од 14 долгометражни филмови во официјалната конкуренција награда златната „Камера 300“ во рацете на кинематограферот Рубен Импекс за филмот „Осумте Планини“ ,сребрената за филмот „Божја Рака“ кај Дарија Дантони,а бронзената ја доби јапонскиот директор на фотографија Хидетоши Шиномија за филмот „Возија мојата кола“ .Првите анализи покажуваат задоволство и кај организаторот и кај публиката.

Осумдневните филмски доживувања завршија со проекцијата на македонскиот филм „Снежана на крајот умира“.

Стевче Митревски