Ковид-19

Се намалува бројот на активни случаи со Ковид-19 во Велес

27.08.2022 13:01

За две седмици бројот на активни случаи со ковид-19 во Велес падна од 150 на 50 лица. Истовремено се намали и интересот за вакцинација, па сега доаѓаат само по десетина граѓани на ден. Во велешка болнца се згрижени 15 пациенти, сите на возраст над 80 години...

Опаѓа бројот на активни случаи со Ковид-19 во Велес. Ако пред десетина дена беше 150 лица, актуелната бројка на активни случаи е 51. Се помал е бројот на новозаразени велешани, а висока е бројката на лица кои се водат како оздравени. Со намалувањето на бројот на активни случаи, се намалува и интересот за вакцинација. Во вакциналниот пункт Здравствен дом, доаѓаат мал број заинтересирани.

Состојбата со хоспитализираните пациенти во велешката болница е стабилна, бројката се движи околу 15 лица. Но тие не се само од Велес туку има и од соседните градови. Освен на Инфективно одделение позитивните на ковид се згрижени и на невропсихијатрија. Сите тие се од највозрасната старосна група.

По појавата на овој летен бран на ковид пандемијата, десет пациенти кои беа позитивни и згрижени во велешката болница, за еден месец починаа од последиците на корона вирусот и коморбидитети кои ги имале. Оваа седмица имаше еден таков случај.

Петар Печков