Медведев: Воената кампања нема да запре
Руската воена кампања нема да запре додека не ги оствариме сите цели, дури и ако Украина се откаже од амбициите за НАТО – тврди првиот човек на Путин, Медведев. Вчера во Обединетите Нации, Русија блокираше договор за неширење на нуклеарно оружје. „Росатом“ почнува со изградба на нови нуклеарни реактори во Унгарија. Чешка бара вонреден состанок на европските министри за енергетика...

„Русија нема да ја запре воената кампања дури и ако Украина официјално се откаже од НАТО“ – предупреди Дмитриј Медведев. Според најблискиот советник на рускиот претседател Владимир Путин, Москва е подготвена за преговори со Украина, но под одредени услови. Кремљ планира да спроведе т.н. „денацификација на западниот сосед“, што за Киев и Запад е само изговор за освојувачкиот воен поход.
„Постојано ја поддржуваме културната и цивилизациската разноликост на народите, нивното право да си ја одредат сопствената судбина. Во исто време, категорично го отфрламе неоколонијалниот поредок заснован врз правила наметнати од западниот колектив, предводен од САД“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.
Претходно Русија, го блокираше усвојувањето на заедничката завршна декларација на 10. Конференција на ОН за преглед на Договорот за неширење на нуклеарно оружје. Според Москва, нацрт-документот содржи многу спорни прашања.
„Русија е причината што нема консензус. Промената којашто ја бараше во последен миг не е од минорен карактер. Наменета е да ја штити очигледната намера на Русија да ја избрише Украина од мапата“, изјави Адам Шајнман, специјален претставник на САД.
„Нашата делегација е подготвена за конструктивна работа. Ако постои таква желба, подготвени сме да седиме и подолго овде, и да се обидеме за да најдеме заеднички јазик“, изјави Игор Вишневетцки, заменик-директор на Одделот за неширење и контрола на оружјето при руското МНР.
Нуклеарната централа во Запорожје и натаму приоритет за Меѓународната агенција за атомска енергија. И натаму е неизвесна безбедносната состојба околу најголемиот европски атомски комплекс, кој е рангиран и меѓу десетте најмоќни во светот.
„Од суштинска важност е мисијата на МААЕ да дојде во станицата што е можно поскоро и да помогне централата да се одржува под украинска контрола“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Росатом“ најави изградба на нови нуклеарни реактори во Унгарија.
„Земјите кои имаат нуклеарна енергија и електрани се побезбедни во однос на подолгорочно енергетско снабдување. Колку е поголем нуклеарниот капацитет на земјата, толку посигурна ќе е во иднина“, изјави Петер Сијарто, министер за надворешни работи на Унгарија.
Пред редовниот во октомври, Чешка бара вонреден енергетски состанок поради неконтролираното поскапување на цените на енергенсите.
Маја С. Филдишев
