Пакистан прогласи вонредна состојба, владата бара меѓународна помош
Речиси 1.000 жртви во поплавите во Пакистан. Откако прогласи вонредна состојба, владата побара итна меѓународна помош. Последиците од временските неприлики ги чувствуваат 33 милиони жители. Властите прогнозираат хуманитарна катастрофа од епски размери...

Пакистан бара дополнителна меѓународна помош поради катастрофалните поплави во кои животот го загубија 1.000 лица. По неколкумесечните рекордни монсунски дождови, владата во петокот прогласи вонредна состојба. 180.000 веќе ги напуштија домовите од најкритичните подрачја.
„Си ги носиме работите, ни потона куќата. Како поинаку да ги спасиме личните работи? Гледате во колку лоша состојба сме. Нема никој од владата, никој да ни помогне.“
„Владата ни кажа да се евакуираме, но повеќето луѓе си ги оставија работите во домовите.“
Многу делови се недостапни, а спасувачите се борат да стигнат до илјадници заглавени жители на Белуџистан и Синд.
„Поплавата стигна и во мојата област. Дојдов да се спасам себеси и добитокот. Некои деца ми се дома, на покривот се, па ќе ги земам кога ќе ги наместам шаторите.“
Последиците од временските неприлики ги чувствуваат 33 милиони жители. Властите прогнозираат хуманитарна катастрофа од епски размери. Премиерот Шехбаз Шариф, а и народот, ги споредија поплавите со оние од 2010 година.
„Вакви поплави имавме и порано. И тогаш ни беа уништени куќите, па невладините ни ги градеа повторно.“
Оштетени се клучни брани и мостови. Жртви има и во свлечишта. Поради рекордните врнежи, но и топењето на глечерите, повеќето притоки на реката Инд, којашто минува низ вториот најнаселен регион на Пакистан, веќе се излеани од речните корита. Покрај климатските промени, населението за катаклизмата ја обвинува и локалната влада која дозволила изградба на објекти во области кои се подложни на сезонските поплави.
Монсунскиот период во Пакистан вообичаено трае од јуни до септември.
Маја С. Филдишев
