Охридско-струшки регион

Туристите се жалат на лошата патна инфраструктура

29.08.2022 12:25

Лошата патна инфраструктура и големиот број депонии две најчести забелешки од странските туристи ова лето во охридско- струшкиот регион. Поплаки има и за големиот број улични кучиња, за јавниот превоз и таксистите. Гостите генерално се задоволни од сместувачките капацитети и гостопримливоста на населението...

Најголемиот број забелешки на странските туристи, кои летово престојуваат во охридско-струшкиот регион се однесуваат на патната инфраструктура. Патиштата кон двата туристички центри со години се во изградба, раскопани и небезбедни.

Иста е состојбата и на патот од аеродромот Св. Апостол Павле, но и патните правци кон двата гранични премини Ќафасан и Свети Наум се во очајна состојба.

„Странските гости бараат зголемување на нивните капацитет, што значи пак сме интересни како дестинација и остануваме со едни исти замерки. Кога ќе го направите патот, ќе доаѓаме повеќе пати. Фали инфраструктура, фали сè останато. Еден автопат 10 години се гради“, вели Крсте Блажески, претседател на ХОТАМ.

Големиот број диви депонии се исто така една од забелешките на гостите. Странците се збунети од негрижата за животната средина и ниската еколошка свест.

„Кога ќе се излезе по плажите по Охрид ќе се види дека сето ѓубре од маркетите останува по плажите, цела таа пластика. Некогаш се собира, некогаш се заборава и останува преку еден ден и тоа не изгледа воопшто убаво и атрактивно“, додава Блажески.

Гостите забележуваат и за големиот број улични кучиња и несоодветната грижа за нив. Поплаки има и за јавниот превоз и таксистите.

Во однос на позитивните коментари, гостите, генерално се задоволни од сместувачките капацитети, гостопримливоста на домаќините и традиционалната храна.

Соња Рилковска