Охрид

Ново пливачко достигнување на Марко

28.08.2022 17:11

Утрово, по речиси 22 часа пливање успеа да мине неверојатни 64 километри во Охридското езеро пливајќи вдолж и попреку на релација Охрид-Струга-Свети Наум-Охрид...

Шеснаесетгодишниот, Марко Пејчиновски од Охрид е пливачки херој, кој испиша уште еден историски успех. Утрово, по речиси 22 часа пливање успеа да мине неверојатни 64 километри во Охридското езеро пливајќи вдолж и попреку на релација Охрид-Струга-Свети Наум-Охрид.

Тој започна со пливање вчера нешто пред 12 часот на пладне, а утринава пред 10 часот пристигна на охридското пристаниште.

Аплаузите и повиците од насобраните граѓани го кренаа од водата и успеа со кренати раце да ги отпоздрави.

Како се чувствуваш Супер, супер но уморно. Што беше твојот мотив? Да си ја оправам грешката од 2019 година. Друга мотивација? Да, мајка ми. Која делница беше најтешка? Сите беа подеднакво тешки, вели Марко Пејчиноски.

Пливаше ден и ноќ, под сонце и месечина, следен од неговиот тим и официјални набљудувачи кои го верификуваа подвигот. Со ова Марко ги комплетира најавените 10 препливување на разни релации на Охридското Езеро, во вкупна должина од 250 километри, нешто што до сега никој го нема направено.

Успехот на Марко е дотолку поголем бидејќи поради здравствени проблеми инфаркт на коска на долните екстремитети, тој плива само со раце.

Марко пред три години направи подвиг за паметење, откако за околу девет часа го преплива Охридското Езеро од Свети Наум до Охрид. Тогаш, тој беше најмладиот пливач кој ја препливал таа релација, со што влезе меѓу легендите на пливачкиот маратон.

Соња Рилковска