Финансиска поддршка

Пријавување субвенции за земјоделски задруги

29.08.2022 09:51

До 30-ти септември земјоделските задруги можат да достават барања за субвенционирање на нивното основање и работење. Дополнително првата година, управителот и едно стручно лице ќе ги плаќа државата.

На огласот може да се пријават сите земјоделски задруги кои се регистрирани во регистарот на Министерството за земјоделство.

Средствата се неповратни за ангажирање на стручни лица, за просечната плата на управителот исплатена во дејноста во претходната година како и за ангажирање на еден вработен од областа на земјоделските науки и ветеринарство.

Првата година се покриваат 100 проценти од трошоците на задругата за плати со намалување за 20 отсто за секоја наредна година во период не подолг од пет години.

Финансиската помош се однесува за цела 2021 година и за периодот од први јануари до 30 јуни 2022 година.

Барањето може да се достави по пошта или директно во Платежната Агенција.

Доколку се поднесат повеќе барања отколку што има расположливи средства предност ќе имаат барателите кои аплицирале порано од другите.

Краен рок за доставување на документацијата е најдоцна до 30 септември 2022 година.

Методија Трајков