УКРАИНА

Тим на меѓународни експерти тргна кон Запорожје

29.08.2022 09:55

Најголемиот атомски комплекс во Европа беше цел на чести напади, за што Русија и Украина меѓусебно се обвинуваа...

Тим на Меѓународната агенција за атомска енергија тргна кон Запорожје. Неделава ќе ја посети нуклеарната централа која е под контрола на руските сили. Најголемиот атомски комплекс во Европа беше цел на чести напади, за што Русија и Украина меѓусебно се обвинуваа.

„Режимот на Киев продолжува со провокациите со цел да создаде закана од човечки предизвикана нуклеарна катастрофа. Во последниот ден имаше два напада од артилериски единици на украинските сили врз територијата на електраната“, изјави Игор Конашенков, портпарол на руското Министерство за одбрана.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски тврди дека поради пожар и оштетување на надземните далноводи, централата накратко била исклучена од електричната мрежа, при што се вклучиле резервните генератори.

„Се подготвуваме за нова недела, ќе биде активна. Планирани се важни посети од партнерите на Украина. Ќе продолжам да праќам барања до државите и нациите да не поддржат. И најважно од се, работиме на нови рестрикции за Русија поради војната“, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Во меѓувреме, украинската страна тврди дека руски авиони влегле во воздушниот простор на Белорусија и истрелале најмалку пет ракети врз нејзина територија.