Култура

Почнува Фестивалот на нем и класичен филм во Кинотека

29.08.2022 10:21

Со проекција на Носферату, Симфонија на стравот, филм на Фридрих Вилхелм Мурнау од 1922 година, во музичка придружба на Џијан Емин, во среда во 20 часот во летното кино, Кинотека го започнува годинешното издание на Фестивалот на нем и класичен филм...

Со проекција на Носферату, Симфонија на стравот, филм на Фридрих Вилхелм Мурнау од 1922 година, во музичка придружба на Џијан Емин, во среда во 20 часот во летното кино, Кинотека го започнува годинешното издание на Фестивалот на нем и класичен филм, кој ќе трае до 7-ми септември.

Ќе бидат презентирани три филма на типичниот претставник на германскиот експресионизам Мурнау; два со Бастер Китон, „човекот со каменото лице што го засмејуваше светот“ од ерата на немиот филм; мини-циклус на Рајнер Вернер Фасбиндер; по еден филм на француските авторски ведети Луј Мал и Клод Соте, како и домашното документарно наследство – Филмски Новости (1945-1948).

На 7-ми септември, на последната вечер на Фестивалот, во летното кино ќе бидат прикажани три етнолошки филмови во чест на проф. д-р Вера Кличкова, по повод 111 години од нејзиното раѓање. Оваа проекција на филмовите Русалиски обичаи во гевгелиско, Велигденски обичаи и Мариовска свадба е дел од проектот „Сезона на филмски класици“ на Асоцијацијата на европски кинотеки, со чија финансиска помош, истите беа дигитализирани и дигитално реставрирани.