Заврши годинешното издание на „Струшки вечери на поезијата“
Во отсуството на лауреатот на годинашниве Струшки вечери јапонскиот поет Шунтаро Таникава (поради неговата поодмината возраст), наградата „Златен венец“ во негово име ја прими неговиот син, истакнатиот јапонски композитор и пијанист Кенсаку Таникава. Тој во рамки на портретот на лауреатот во црквата „Света Софија“ во Охрид имаше импресивен настап на пијано.
Се спушти завесата на 61-то издание на меѓународниот поетски фестивал „Струшки вечери на поезијата“ кој годинава се одржа под мотото „Ритамот на стихот, ритам на животот“. Времето дозволи, па свеченото затворање на манифестацијата како и секогаш се одржа на Мостот на поезијата. Покрај поетското читање, по традиција, на затворањето се врачија и наградите „Златен венец“, „Браќа Миладиновци“ и „Мостови на Струга“.
Во отсуството на лауреатот на годинашниве Струшки вечери јапонскиот поет Шунтаро Таникава (поради неговата поодмината возраст), наградата „Златен венец“ во негово име ја прими неговиот син, истакнатиот јапонски композитор и пијанист Кенсаку Таникава. Тој во рамки на портретот на лауреатот во црквата „Света Софија“ во Охрид имаше импресивен настап на пијано.
Наградата за најдобра поетска книга меѓу две фестивалски изданија на „Струшките вечери на поезијата“-„Браќа Миладиновци“ за 2022 година му беше врачена на македонскиот поет и книжевен преведувач Зоран Анчевски за збирката „Збунети компаси“.
Италијанскиот поет Џерардо Мазучо се закити со признанието „Мостови на Струга“ коешто го доделуваат УНЕСКО и „Струшките вечери на поезијата“ за најдобар поет-дебитант.
Манифестацијата ја збогати и настапот на бендот „Пијан славеј“, кој во текот на вечерта ги изведе песните „Вистината нудист“, „Штета“ и „Клинч“.
Оваа година покрај вообичаените публикации издадена е и антологијата „Музика, секогаш и уште (поезијата во дијалог со музиката)“.
Фестивалот традиционално ќе заврши со поетско читање во Скопје, кое ќе се одржи денеска во „Даутпашиниот амам“ со почеток во 20:30 часот.
