Украина

Меѓународни експерти во Запорожје, нападите продолжуваат

29.08.2022 12:42

Тим експерти на Агенцијата за атомска енергија на пат кон Запорожје, во инспекција на нуклеарната централа, која е под руска контрола. Мисијата лично ја предводи директорот Рафаел Гроси, кој вели дека мора да се заштити безбедноста и сигурноста на најголемата нуклеарна централа во Европа…

Тим на Меѓународната агенција за атомска енергија во посета на Запорожје. Неделава ќе изврши инспекција во нуклеарната централа која е под контрола на руските сили. Најголемиот атомски комплекс во Европа беше цел на чести напади, за што Русија и Украина меѓусебно се обвинуваа.

Според Киев, поради пожар и оштетување на надземните далноводи, централата накратко била исклучена од електричната мрежа, при што се вклучиле резервните генератори.

„Сите треба да сме обединети за една работа – повлекувањето на Русија од нуклеарната централа во Запорожје. Русија се обидува да го оправда своето присуство и да се вкорени таму, но тоа е спротивно на нуклеарната безбедност и енергетската сигурност на цела Европа“, вели Дмитро Кулеба, министер за надворешни работи на Украина.

„Режимот на Киев продолжува со провокациите со цел да создаде закана од човечки предизвикана нуклеарна катастрофа. Во последниот ден имаше два напада од артилериски единици на украинските сили врз територијата на електраната“, рече Игор Конашенков, портпарол на руското Министерство за одбрана.

Размената на огнот продолжува на целата линија на фронтот во Доњецк. Во меѓувреме, украинската страна тврди дека руски авиони влегле во воздушниот простор на Белорусија и истрелале најмалку пет ракети врз нејзина територија. Во тек се подготовки за воената вежба „Восток 2022“ кои ќе траат од четврток до среда во источен Сибир, Јапонско Море и далечниот исток на Русија.

Се очекува министрите на Европската унија неделава да го прекинат договорот со Москва од 2007-ма година за визна либерализација. Одлуката ќе се носи на дводневниот состанок во Прага кој започнува утре.

„Треба да го ревидираме начинот на кој некои Руси добиваат виза. Треба да сме поселективни. Но, не сум за забрана за виза на сите Руси“, истакна високиот претставник за надворешна политика, Жозеп Борел.

Источните земји-членки на блокот се заканија дека еднострано ќе ги затворат своите граници за руските туристи поради инвазијата врз Украина.

Маја С. Филдишев