Македонија

Велес полн со кучиња скитници

29.08.2022 13:19

Локалната власт смета дека некои граѓани пpават пари од лажирање на каснување од кучиња, од општинскиот буџет се исплатуваат рекордни суми за обесштетување на граѓаните…

Граѓаните реагираат дека има премногу кучиња скитници и стравуваат за сопствената безбедност, но и по безбедноста на децата и внуците. Иако Општина Велес одвојува значајни средства за заловување, вакцинирање, стерилизирање и кастрирање на бездомните кучиња, нивниот број во градот не се намалува.

Од Буџетот на Општина Велес во 2021-ва година по основ на обесштетување за каснување на граѓани од бездомните кучиња, исплатени се вкупно 4,7 милиони денари. Тоа е рекордна највисока сума исплатена за оваа намена. Колку за споредба во 2020-та биле исплатени 2,7 милиони, а во 2019-та 2,3 милиони денари. Во 2021-ва било постапно по 67 барања за каснување од кучиња, за две помалку од 2020-та, а во 2019-та по 58 барања. Во првите пет месеци од годинава, од Буџетот биле исплатени 2,2 милиони денари

„Општина Велес за да ја надмине состојбата со големиот одлив на средства за обесштетување кон граѓаните, поради каснување од куче, одлучи целата таа постапка да оди преку осигурителна компанија. Има несовесни граѓани кои прават пари од каснувањето на кучиња. Голем дел од каснувањата се лажирани, за да се пумпаат пари од општинскиот Буџет“, велат од општината.

Во првите пет месеци од годинава во Полициска станица Велес има 56 пријави за каснување од куче. На инфективното одделение од велешка болница, дошле лекарска помош да побараат 32 жители на Велес. Со стационар каде се згрижуваат бездомните кучиња располага здружението „Гласот на животните“ и таму се згрижени околу стотина кучиња скитници од Велес. Од локалната власт најавуваат дека ќе се гради регионален центар за згрижување на бездомни кучиња, кој треба да го реши проблемот.

Петар Печков