Македонија

Владата на следната седница ќе носи одлука за меѓуресорското ад-хок тело

29.08.2022 14:16

Владата на наредната седница ќе носи одлука за формирање ад-хок меѓуресорско тело кое ќе ги разгледува барањата од здруженија кои во името содржат историска личност. Ќе има советодавна улога. Ваквиот потег доаѓа по лавината реакции дека во Македонија се формираат здруженија со имиња од периодот на фашизмот, по примерот на Иван Михајлов и Цар Борис Трети…

Ад-хок телото ќе мора да ги запре интенциите на формирање здруженија со имиња на одредени личности кои имаат негативен контекст низ различни епохи пред сè носители на фашистички идеи. За МТВ универзитетскиот професор Томе Баткоски вели дека тоа мора да биде дел од македонската државна политичка безбедносна стратегија затоа што се работи не само за политичко, туку и за безбедносно прашање.

Задача на највисоките државни институции е да реагираат соодветно и навремено особено како во случајот со здруженијата „Ванчо Михајлов“ и „Цар Борис Трети“, вели Баткоски и за тоа нема компромис.

Од ресорното министерство велат дека Владата на својата следна седница ќе носи одлука за формирање на ад-хок меѓуресорско тело кое ќе ги разгледува барањата поднесени од здруженијата кои во името содржат историска личност, но со советодавна улога.

Се предвидува да има девет членови, од кои седум ќе бидат постојани, а останатите двајца ќе се именуваат зависно од тоа за каква личност ќе се расправа. Министерството за правда испрати допис до институциите во рок од седум работни дена да номинираат свој претставник за телото и дел од нив веќе го сториле тоа.

Фиљана Кока