Поднесени тужби со кои се оспорува првичната истрага за несреќата во Бугарија
До судот во Перник поднесени се тужби со кои се оспорува првичната истрага на бугарското обвинителство за несреќата во која загинаа 45 македонски државјани. Адвокатот на семејствата Николај Димитров за МТВ вели дека во претходната истрага не било посветено доволно внимание на состојбата на патот и на различните аспекти поради кои дошло до несреќата…

До судот во Перник се поднесени тужби со кои се оспорува првичната истрага на бугарското обвинителство за несреќата во која загинаа 45 патници и седуммина беа повредени, сите македонски државјани. Ова за МТВ го потврди Николај Димитров, адвокат на семејствата на жртвите. Тој се надева дека дополнителната истрага, која е во напредна фаза, ќе фрли нова светлина на случајот.
„Во моментов се прави проверка на тоа што го донесе обвинителството како заклучок. Тужбите се поднесени во судот во Перник и постапката се нарекува „обезбедување на докази“ или, со други зборови – вештакот ќе ја анализира патната инфраструктура, ќе бара детали за патната сигнализација, за знаците, за квалитетот на асфалтот со тоа што ќе заклучи дали има вина и кај патната инфраструктура, бидејќи ние сметаме дека има вина и кај Агенцијата за патна инфраструктура на Бугарија“, изјави адвокатот Николај Димитров.
Затоа, Димитров бара тужбите да ги разгледаат и бугарската Агенција за патна инфраструктура како и претставникот на македонската осигурителна компанија кои во Бугарија се претставени од Националното биро на автомобилски осигурителни компании.
„Сметаме дека повторената истрага ќе фрли нова светлина на случајот. Недостигот на претходната истрага е тоа што не е посветено доволно внимание на состојбата на патот и на различните аспекти поради кои дошло до несреќата. Очекуваме резултати за неколку месеци“, додава Димитров.
Семејствата на загинатите бараат повеќе од 750 илјади евра отштета за претрпената загуба. Бугарското обвинителство случајот го затвори како грешка на возачот кој, според истрагата, изгубил контрола врз автобусот што сообраќал со несоодветна брзина при што се случила несреќата.
Анита Димитријевска Велковска
