Владата работи на нов пакет мерки, бизнисот бара решенија како да ја преживее зимата
Владата работи на нов пакет антикризни мерки во тесна координација со деловната заедница, вели првиот финансиер. Во колумна, Бесими признава дека зимата ќе биде тешка, мерките ќе го ублажат ударот, но нема целосно да го спречат …

Дебатата отворена, власта во обид да ја зајакне приходната страна во буџетот, бизнисот бара решенија како да ја преживее зимата и ударот од енергетската криза. Мерките ќе го ублажат, но нема да го спречат ударот, со рационализација на буџетските расходи, но и промени во приходната страна до одржливи финансии, уверува министерот за финансии во нова колумна со нов обид да ја увери јавноста дека е вистинско време за нов концепт на оданочување што ќе обезбеди доволно приходи и полесно соочување со економските кризи.
„Дебатата е отворена и таа во континуитет се одвива со сите чинители со кои заедно ќе дојдеме до најоптималното решение. За мерки се потребни средства и тие мора да дојдат од некаде – од подобрена наплата или од заем. Ако даночниот систем беше поефикасно и поправично поставен со поголем опфат (тука зборувам и за сивата економија), апсорпциската моќ на економијата сега ќе беше поголема, а потреба за задолжување помала“, пишува Бесими, посочувајќи ги и мерките за сузбивање на сивата економијата што со децении ги бараат стопанствениците.
И додека власта бара начин како да дојде до повеќе пари во буџетската каса за да го амортизира ударот врз економијата, бизнисот со став дека не е време за даночни поместувања, се жали дека тешко ги намирува големите трошоци за струја, бара решенија, јасен план да даде владата за справување со долгата енергетска криза.
Коморите велат, компаниите веќе скенираат трансфер на нивните производни капацитети во соседни земји каде цената на електричната енергија е поевтина. Во меѓувреме не отстапуваат од барањата да им се субвенционираат дел од овие трошоци, меѓудругото итно да се обезбедат побрзи постапки за фотоволтаиците.
По состанокот минатата недела, власта веќе му порача на бизнисот дека нè очекува тешка зима, и задолжувањето за да му се помогне на стопанството ќе биде одлука за која одговорноста да се исплати ќе ја понесат сите, според вицепремиерот Битиќи заедно ќе се одлучи дали тоа ќе биде преку поголеми даноци.
Сузана Фиданска Стоевска
