Артемида не полета, НАСА го одложи лансирањето
Артемида не полета, се појавија пречки во моторите. Ракетата што требаше да ја обнови мисијата кон месечината, најверојатно ќе го стори тоа од Кејп Канавеал до петти септември. Светот во очекување на мисијата на создавање на база на земјиниот сателит-можен мост до првата мисија со астронаути на црвената планета...

Светот ќе почека уште неколку дена пред да биде лансирана ракета што првпат по 50 години ќе може да носи и луѓе од и до месечината. Според инженерите на НАСА проблемот со еден од моторите го одложи лансирањето за најдоцна до петти септември. Вселенското летало, во кое наместо астронаути се три кукли опремени со сензори, планирано е да кружи околу месечината, пред да се врати на земјата за шест недели, кога треба да слета во тихиот океан.
„Навистина сум возбудена затоа што ова е едно од најголемите лансирања на ракети во последните педесет години“.
„Ги следам овие работи. Го гледав слетувањето во вселената и во ’69-та година“.
Лансирањето, дел од програмата „Артемида“ со систем за вселенско лансирање има за задача да ја пренесе тест-капсулата „Орион“ далеку од земјата.
„Зборуваме многу за снимките од месечината. Сега ќе имаме сопствена снимка нели? значи, ова е нашата генерација и ние ќе велиме дека тоа го направивме“, изјави капетан Виктор Гловер, НАСА, астронаут на Артемис.
„Направивме толку многу тестирања на оваа ракета. Поминавме низ интегрирано тестирање од најмал материјал до секој поголем систем. Направивме сè што можеме на теренот за да го елиминираме ризикот“, изјави Шерон Коб, соработник на програмски менаџер, НАСА.
НАСА планира база на месечината за да испрати астронаути во 2024-та година. Базата треба да послужи за првата мисија од земјата до Марс.
Маријана Димовска
