Истекува рокот за субвенции за оризот и јаболкото
Истекува рокот за пријавување за дополнителни субвенции за засеани површини со ориз за земјоделците кои родот го предале во регистрирани откупни капацитети. Истото важи и за производство на јаболко. Висината на дополнителната финансиска поддршка е три денари за килограм.

До утре, 31 август, сите оризопроизводители кои лани имале засеани површини со ориз и за нив оствариле право на субвенции ќе можат да аплицираат за добивање на дополнителна финансиска поддршка за оризовата арпа која ја предале во регистрирани капацитети за откуп од 16 декември 2021 до 30 јуни 2022 година. Производителите на ориз треба да добијат по 3 денари за секој килограм.
Исто така и сите производители на јаболко кои оствариле право на финансиска поддршка за минатата година, за одржување на овоштарниците ќе можат да аплицираат за добивање на дополнителна субвенција за продадени јаболка на регистрирани откупувачи во период од 16 декември 21 до 30 јуни годинава.
Висината на дополнителната финансиска поддршка е по 3 денари за килограм.
Сите земјоделци кои ги исполнуваат условите ќе може да аплицираат електронски, а со барањето треба да достават и потврда за предадената оризова арпа или предаденото јаболко.
Барателите кои не можат самите електронски да се пријават, помош ќе можат да побараат во подрачните единици на министерството за земјоделство.
Методија Трајков
