Образование

Новата учебна година во Битола ќе започне со помал број првачиња

30.08.2022 12:19

Стартот на новата учебна година во дел од градовите нема да донесе голема радост. Во битолските основни училишта ќе седнат стотина првачиња помалку од лани. Причина е негативниот природен прираст. Веќе е јасно дека сериозен предизвик за училиштата ќе биде и енергетската криза…

Повеќегодишната ниска стапка на наталитет во Пелагонискиот регион и се почестите иселувања на младите веќе ја испорачаа непопуларната слика. Во однос на минатата, оваа учебна година во битолските основни училишта ќе започне со близу сто првачиња помалку.

Најкритично е во основните училишта „Д-р Трифун Пановски“ и „Ѓорѓи Сугарев“ каде се запишале само по 40-тина првооделенци. Педагозите сметаат дека освен познатите фактори на лошата состојба влијаат и некои банални проблеми.

Состојби кои носат загриженост и кај наставниот кадар во обезбедувањето на потребниот фонд на часови, но и веќе го навестуваат за следните години, дисбалансот што ќе се одрази врз уписната политика на средните училишта.

Ако минатите две учебни години предизвик беше ковид-пандемијата и онлајн наставата, годинава притиска енергетската криза. Раководителите на училиштата велат дека течат подготовките училниците да бидат топли, но и организацијата за штедење или отстранување на дополнителните грејни тела од училниците.

Стевче Митревски