Украина

Се проширува воениот фронт, напади во Харков и Херсон

30.08.2022 12:57

Тимот на Меѓународната агенција за атомска енергија од утре во инспекција на нуклеарната централа во Запорожје. Москва ја обвини Украина за нови гранатирања во подрачјето. САД бараат итно отворање на демилитаризирана зона. Напади и во Харков и Херсон. Европската унија на дводневен самит во Прага, можно е укинување на визната либерализација за руските државјани…

Се проширува воениот фронт во Украина. Жртви во гранатирање во Харков, артилериски оган и околу Херсон. Украинските сили ракетираат траекти на непријателот на југот, а Русија ги интензивира напорите на западниот брег на Дњепар. Според Москва, противничката страна повторно нишани кон подрачјето на нуклеарната централа на Запорожје. Според Гардијан, инспекцијата на електраната од страна на тимот на Меѓународната агенција за атомска енергија почнува уште утре. Москва вети поддршка за мисијата.

„Ако сакаат да преживеат, време е да си заминат. Одете дома. Ако се плашите да се вратите во Русија, тогаш, таквите окупатори нека се предадат“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

„Нивните заклучоци треба да бидат базирани на професионализам, на тоа што ќе го видат таму, на процената на ситуацијата. Разбираме дека многу западни играчи беа против остварувањето на мисијата. Невозможно e однесувањето на режимот на Киев да не се нарече самоубиствено“, рече Марија Захарова, портпарол на руското МНР.

Во наредниве два дена, Европската унија во Прага ќе разговара за браната за издавање визи на Русите.

„Треба да сме поселективни, не треба да има забрана за сите Руси. Многумина сакаат да заминат од Русија. Над 300 илјади си заминале од почетокот на војната. Повеќето се професионалци, со високо образование, кои не сакаат да останат, да одат во војна, не ја поддржуваат војната и не сакаат да останат под режимот на Путин. Не треба да им ја затворите вратата на овие луѓе“, изјави Жозеп Борел, шеф на дипломатијата на ЕУ.

„Се надевам дека поголемите земји ќе разберат дека мора да се воведат построги рестрикции за руските државјани. Не треба да се кријат зад идејата за некаква народна дипломатија. Споредете го со Втората светска војна или некои други етапи од историјата. Не може тукутака да им даваме бонуси на луѓе кои поддржуваат лидери како Путин“, изјави Артис Пабрикс, министер за одбрана на Летонија.

На настанот во Прага учествуваат и претставници од ОН, НАТО и Европскиот парламент.

Маја С. Филдишев