Обвинителство

Нови распити на преживеаните и роднините на загинатите во автобуската несреќа во Бугарија

30.08.2022 13:05

Бугарската обвинителка Сијка Милева побарала од македонските колеги уште распити на преживеани и роднини за автобуската несреќа. Запрена е предистражната постапка. Од македонското обвинителство велат дека постапуваат. Дел од семејствата за МТВ тврдат дека досега никој не ги контактирал…

Преку инструментот за меѓународна правна помош, бугарските обвинители побарале од македонските истражители да стапат во контакт со преживеаните патници од сообраќајната несреќа во Бугарија и со членови на нивните семејства за да извршат увид во предметот и да се изјаснат за причините за патување на нивните блиски. Ова за МТВ го потврдуваат од Обвинителството.

„Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје преку Министерството за внатрешни работи – СВР Скопје прави напори да ги утврди и лоцира наследниците, од кои дел не живеат во нашата држава, и да ги информира за нивните права согласно бугарската кривична постапка. Дел од нив сè уште не се изјасниле за причините за патување на починатите или таквите причини не им се познати“, велат од Обвинителството за јавниот сервис.

Исмаил Сали, кој во несреќата изгуби два члена на потесното семејство во изјава за МТВ вели дека до овој момент сè уште никој не го контактирал, но е подготвен да даде исказ во Обвинителството.

Претходно портпаролката на бугарскиот обвинител, Сијка Милева информираше дека постапката во нејзината земја е прекината, а бугарското обвинителство побарало сослушување на преживеаните сведоци во несреќата како и на роднините на жртвите.

Адвокатот од Бугарија кој застапува дел од оштетените за МТВ потврди дека во софискиот суд ќе бидат поднесени и тужби за отштета на семејствата со цел да им се надомести загубата.

„Многу е важно, сите тужби како и барања за наплата на штети од осигурување да бидат поднесени во Бугарија, а не пред македонските органи, затоа што ако се водат пред македонските институции тие ќе се водат од постоечкото право во Македонија и лимитот од 600 илјади евра нема да биде доволен за да ги намири побарувањата на сите засегнати. Во Бугарија лимитот е околу 12 пати повеќе, околу 5 милиони и 100 илјади евра“, изјави Николај Димитров, адвокат.

Димитров смета дека обвинителската истрага имала пропусти и затоа побара дополнителна, која треба да покаже дали и условите на патот придонеле да се случи несреќата.

Анита Димитријевска Велковска