Високо образование

Почна трката за индекс, најатрактивни информатичките науки

30.08.2022 13:29

Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ ги отвори вратите за над 10.918 матуранти. Во првиот уписен рок, најатрактивни се информатичките науки. Редици од студенти чекаа со часови за упис на ФИНКИ. Велат иднината е во техничките науки, бидејќи е една од најплатените професии. На Електротехничкиот факултет најбарана е струката компјутерско инженерство, од друга страна мал е интересот за студирање електроника, телекомуникации и енергетика…

Стотина бруцоши со часови чекаа да поднесат документи за упис на ФИНКИ. Информатичките науки се најмногу барани меѓу младите. Оние со кои разговаравме велат дека се решиле за оваа струка оти е добро платена и побрзо се стигнува до работа.

Само во првите часови од почетокот на уписниот ден, документи на ФИНКИ поднеле над 500 студенти. Ова според деканот Чорбев е резултат на атрактивните студентски програми, но и на дефицитот на ваков кадар на пазарот на труд.

Компјутерско инженерство е најмногу барана струка на Електротехничкиот факултет, но според деканот Ташковски загрижува што нема интерес за студирање на клучните сектори во државата како што се енергетиката и телекомуникациите, и тоа во време кога се соочуваме со енергетска криза.

Уписите почнаа и битолскиот државен универзитет. Младите и таму одбираат струки со кои најбрзо може да дојдат до работа.

Оваа студиска година на универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ има 10.918 слободни места. Од нив, 5.306 се за редовни студенти во државната квота. Најмногу студенти ќе прими Природно-математичкиот факултет. По две години ковид-пандемија, од 1-ви октомври предавањата ќе бидат со физичко присуство.

Викторија Милевска