Енергетска криза

Чаушевски: Капацитетите за производство да бидат во функција и навреме да се снабдиме со енергенси

30.08.2022 14:11

Капацитетите за производство се тие што ги имаме, мора сите да бидат во функција и навреме да се снабдиме со енергенси за да се справиме со кризата, советува универзитетскиот професор Антон Чаушевски. Тој за МТВ вели дека многу нешта ќе зависат од тоа каква зима ќе имаме и колку температурата ќе оди во минус. РЕК Битола е стар капацитет и може да се случи испад на некој од блоковите, потребна е поддршка за стопанството, предупредува професорот …

Доколку претстојната зима биде блага како претходните години, ќе се справиме со енергетската криза, оценува професорот Антон Чаушевски. Вели, растот на цените на електричната енергија е многу висок и спротивен на очекувањата оваа зима цените да паднат. Професорот апелира Македонија да ги активира сите капацитети.

РЕК Битола е термо-енергетски комплекс кој работи 40-тина години и во голем дел го има отслужено своето, па се прават напори кондициски да се оспособат единците, но се може да се очекува, па и испад на некој од блоковите, вели професорот.

Стопанството досега можеше некако да истрпи цени од 300 до 400 евра мегават час, но овие услови за нив се неиздржливи, вели професорот.

Советува дека најдобро решение е да се обезбеди доволно енергија за нив со разумна цена до 360 евра за мегават час. Цената од 800 евра, која се очекува да надмине и илјада евра, не можат да ја поднесат ниту компании од многу посилни економии.

Марија Котовска