Финансии

Задолжување за да се покријат буџетските потреби

30.08.2022 15:04

Со краткорочен кредит од 50 милиони евра со каматна стапка од 2,5 проценти, Владата се задолжи во домашна банка за да финансира дел од буџетскиот дефицит. Дополнителни 10,3 милиони долари државава доби од САД за конкурентна економија. Амбасадорката Брнз порача, Владата да ги продолжи реформите за сузбивање на корупцијата, непотизмот и нетранспарентноста, и во услови кои предизвикуваат политички поделби…

Бизнисот чека мерки, власта бара пари на заем да поткрепи дел од кусокот во државната каса. Министерот за финансии потврди – во домашна банка за дополнителни 50 милиони евра со каматна стапка од околу 2,5 проценти се задолжила државата за да финансира тековни трошоци. Парите се само дел од потребното купче да се пополни 700 милионскиот буџетски дефицит и потребните 200 милиони што доспеваат за тековни плаќања од поранешни задолжувања.

Бесими вели, се прават процени, но сè уште не се размислува за еврообврзница поради високите камати од над шест проценти. Дополнителни 10,3 милиони долари грант од САД се инкасирани за конкурентна економија и справување со корупцијата.

Корупцијата ја поткопува конкурентната економија, недостига институционална одговорност и транспарентност, владата да ги продолжи реформите и кога предизвикуваат политички поделби-ни порача амбасадорката Брнз веднаш по потпишувањето на Договорот за грант од нејзината земја тежок 10 милиони долари.

Брнз децидна дека САД ќе продолжи да дава поддршка, но и со нетрпение ќе очекува на кој начин ќе се врати инвестицијата.

Сузана Фиданска Стоевска