Ирак

Жртви во борбите по оставката на Моктада Ал Садр

30.08.2022 15:17

Блокот на Ал Садр освои најмногу места, но не можеше да се договори за формирање нова влада со вториот по големина блок, главно составен од партии поддржани од Иран...

Десетици луѓе се убиени, а стотици се повредени во едни од најтешките судири во Багдад, откако еден од главните лидери во Ирак ја напушти политиката. Блокот на Ал Садр освои најмногу места, но не можеше да се договори за формирање нова влада со вториот по големина блок, главно составен од партии поддржани од Иран.

„Откако мојата земја беше заробеник на корупцијата, таа сега е затвореник на корупција и насилство, за жал. Посакувам протестите да беа мирни. Ова е проклета револуција“, изјави Ал Садр, кој е влијателен ирачки свештеник.

Поддржувачите на Ал Садр се судираа со безбедносните сили и милициите сојузници со Иран. Сите убиени се поддржувачи на Садр, додека околу 380 се повредени.

„Тој беше маченик во зелената зона, цел на снајпер. Тој е припадник на бригадите на мирот. Тој беше застрелан во грб“, изјави брат на убиен борец.

Голем дел од борбите се околу зелената зона во Багдад во која се сместени владини згради и странски амбасади.

„Без разлика дали сме во близина на палатата, револуцијата ќе продолжи.“

„Нашата револуција е против корумпираните. Народот сака реформи во Ирак, а во Ирак нема место за корумпираните“, велат дел од демонстрантите.

Иран ги затвори границите со Ирак како одговор на немирите, а Кувајт ги повика своите граѓани веднаш да ја напуштат земјата.

Портпаролот на генералниот секретар на ОН Гутереш, повика на „итни чекори за деескалација на ситуацијата“.

Низ целата земја е прогласен полициски час откако немирите се проширија во неколку други градови.

Марина Ристова