Македонија

Државата ќе обезбеди 120 милиони денари за нов објект на кумановската гимназија „Сами Фрашери“

30.08.2022 21:18

Од Владата соопштија дека се обезбедени 120 милиони денари за нов објект на кумановската гимназија „Сами Фрашери“...

Владата на 75-та седница ја разгледа и усвои Информацијата за наменска реалокација на неискористени финансиски средства од вршење на услуги во дејноста на образованието и науката, и донесе Одлука, врз основа на која гимназијата „Сами Фрашери“ во Куманово ќе добие нов училиштен објект, со што Владата и Министерството за образование и наука (МОН) ќе го решат деценискиот проблем на недостаток на соодветен објект за квалитетен воспитно-образовен процес, со кој се соочуваат учениците и вработените во ова средно училиште.

„Планирана е изградба на целосно ново училиште кое ќе се изгради за најмногу три години отсега и ќе чини околу 120 милиони денари. Со Владината одлука се предвидуваат средства во износ од 50 милиони денари во буџетот на МОН за 2023 година и дополнителни 70 милиони денари во 2024 година“, велат од Владата.

Дополнително, за оваа општина со измени на програмите за капитални инвестиции на МОН годинава се обезбедуваат и околу 15 милиони денари со кои ќе се реконструира кровот на објектот во кој се лоцирани основните училишта „Браќа Миладиновци“ и „Крсте Петков Мисирков“ каде поради дотраеност при неповолни временски услови се попречува наставата.