Големи штети по невремето во Скопје, најмалку три лица повредени
Најмалку три лица се повредени во силното невреме со дожд, град и силен ветер што попладнево го погоди Скопје. Поплавени се улици, куќи и дворови. Откорнати се покриви, паднати се дрва, оштетени се автомобили, поплавени се и трговски центри. Дел од булеварите станаа непроодни. На терен се екипи за санирање на последиците, комуналните претпријатија, пожарникарските служби, итната помош...

Поплавени домови, откорнати покриви, оштетени возила, затворени крстосници и непроодни подвозници, движење во спротивна насока. Скопје неколку часа пловеше во водата којашто ја донесе силното невреме со дожд, град, силен ветер и грмотевици.
Главните артерии на речиси сите населби беа затворени. Скопјани се трудеа да стигнат до дома.
Не беше поштеден ниту центарот. Улицата која води до Собранието беше целосно поплавена и непроодна за возила.
Интервенираа комуналните претпријатија, итната помош, но и припадници на полицијата, кои вадеа граѓани заглавени во нивните автомобили.
Поплавени и стопански објекти. Новиот трговски центар ги затвори вратите откако се поплавија подземните нивоа, по што посетителите и вработените беа евакуирани.
Градоначалничката Арсовска го свика кризниот штаб. Според прогнозите и за деновиве се најавува дожд и електрични празнења.
Катерина Топалова
