Пендаровски до Рот: Берлинскиот процес не треба да се третира како замена за процесот на пристапување во ЕУ
Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими Михаел Рот, претседател на Комисијата за надворешна политика на германскиот Бундестаг. На средбата се разговарало и за отворањето на пристапните преговори на ЕУ со Северна Македонија и Албанија при што е посочено дека тие се од суштинско значење во актуелните геополитички и безбедносни околности...

Берлинскиот процес не треба да се третира како замена за процесот на пристапување во ЕУ. Република Северна Македонија нема друга алтернатива освен полноправно членство во Европската Унија, нагласил претседателот Стево Пендаровски на средбата со Михаел Рот, претседател на Комисијата за надворешна политика на германскиот Бундестаг, кој денеска е во посета на земјава.
Германија има намера за заживување на Берлинскиот процес во втората половина на 2022 година. На средбата, како што соопштија од кабинетот на претседателот, се разговарало и за билатералните односи меѓу Република Северна Македонија и Сојузна Република Германија.
Претседателот Пендаровски истакнал дека Германија која е движечка сила на Европската Унија во Западен Балкан е еден од нашите најблиски сојузници и најсигурни партнери во изминатите 30 години и изразил благодарност што евроинтеграцијата на земјава е висок приоритет на надворешно-политичката агенда на германската влада предводена од канцеларот Шолц.
На средбата се разговарало и за отворањето на пристапните преговори на ЕУ со Северна Македонија и Албанија при што е посочено дека тие се од суштинско значење во актуелните геополитички и безбедносни околности и во справувањето со влијанијата на руската агресија во Украина.
