Поплавени домови, уништена покуќнина- жители на Крњево со огромни штети по невремето
Невремето им го загрози животот на дел од скопјани. Некои претрпеа сериозна материјална штета. Домовите им се целосно поплавени. Раскажуваат дека водата од секаде навлегувала, уништена им е целата покуќнина. Штетите, велат, се големи…

Водената стихија најпрво урнала дел од заштитниот ѕид, а потоа навлегла во дворот, поплавувајќи ја куќата и подрумите на Лејла Селман од скопско Крњево. Семејството со сите сили се трудело да ја исцрпи водата, но знаеле дека битката е однапред загубена. Поплавата им уништи сè што имаа во домаќинството.
„Од секаде влегуваше вода, кога почна веќе каналите не влечеа, надворешниот ѕид се суши, како река доаѓаше вода, се потопи сè … Речиси еден метар имаше вода. Целата покуќнина се потопи, фрижидер, шпорет, мало шпоретче, бања, постелнина, кревети, буквално сè, ништо не остана“, вели Лејла Селман, жител на Крњево.
Ништо подобра не е состојбата ниту кај соседите на Лејла. Водата протекла низ ѕидовите, ја наполнила собата, ги уништила електричните апарати. Семејството стравува да се врати дома оти таванот може да им падне на глава.
„Сè е уништено, треба да се фрли сега се, и машина за перење, и фрижидер и шпорет, тоа ни е страв да го уклучиме. Додека врнеше собиравме вода, ама кога дојде од улица водата веќе ништо не се можеше“, вели Мино Гечов, жител на Крњево.
„Многу ни помага моторчето нас, црпевме вода со две кофи и јас и маж ми, но како ја направија улицата бел ден не видовме, од под вратата почна да влегува вода и немаше веќе спас“, додава Донка Гечова, жител на Крњево.
Овие луѓе велат, вакво нешто не паметат.
„Јас 50 години тука живеам, ама толку лошо невреме не сме имале. Вода влегуваше и од таванот, и од долу, значи многу вода“, вели Ќазмедин Реџепи, жител на Крњево.
И додека надлежните прават увид на терен, настраданите бројат штети во илјадници евра.
Роднини и пријатели помогнат во расчистувањето, но на крај останува апелот и надежта дека државата барем малку ќе треба да помогне за да ги обноват домовите.
Анита Димитријевска Велковска
