Евроинтеграции

Рот со порака за уставни промени во Скопје

31.08.2022 13:36

Знам дека е фрустрирачки што преговорите со ЕУ се условуваат со уставни промени, но мора да направите чекори за придвижување на евроинтеграцијата, порача претседателот на Комисијата за надворешна политика во германскиот Бундестаг, Михаел Рот, при посетата во Скопје. Рот апелираше до сите политичари да се прашаат-не што е добро за партијата, туку за државата, за да обезбедат просперитет и напредок за граѓаните…

Во овие тешки времиња можам да почувствувам фрустрација и разочараност од ЕУ. Тоа е наша обврска, на политичарите од ЕУ и од Германија, да ги охрабриме Македонците и Македонките да продолжат натаму да го направат следниот чекор во правецот на ЕУ и да знаат дека тоа навистина вреди, порача претседателот на Комисијата за надворешна политика на германскиот Бундестаг, Михаел Рот, во мисија во земјава да се направи следниот чекор за забрзување на евроинтеграцијата со уставните промени.

„Јас се надевам дека сега во македонскиот парламент ќе може да се создадат предуслови за да може да се продолжи ангажирано со пристапните преговори. Знам дека на многумина воопшто не им паѓа лесно кога станува збор за овие уставни промени, но секој треба да си го постави прашањето, не како може јас да ѝ помогнам на мојата партија, туку како може јас да ѝ помогнам и да придонесам за мојата земја“, нагласи Рот.

Рот уверува дека Германија ќе продолжи со поддршката на евроинтеграцијата без нови условувања од Бугарија за македонскиот јазик.

„Затоа е многу важно уште еднаш да се предочи и да биде јасно дека ЕУ не претставува само внатрешен пазар и заедница на една валута, тука таа е заедница на во којашто има културна и јазична разновидност и дека никој нема право да се меша во културниот идентитет“, додаде Рот.

Рот на средбите со државниот врв и опозицијата укажал дека ЕУ има обврска во овие тешки времиња да продолжи со солидарноста кон Западниот Балкан, особено кон луѓето од Северна Македонија, кои направија многу за евроинтеграцијата за да продолжат да ја зајакнуваат демократијата, борбата против корупцијата и непотизмот и да создаваат работни места и перспектива за младите луѓе.

На средбата со шефот на државата Пендаровски било посочено дека отворањето на пристапните преговори со ЕУ се од суштинско значење во актуелните геополитички и безбедносни околности и во справувањето со влијанијата на руската агресија во Украина.

Ирина Гелевска