Здравство

Сали не го поддржува штрајкот, матичните лекари очекуваат зголемување на капитацискиот бод

31.08.2022 14:30

Министерот за здравство не го поддржува најавениот штрајк на матичните лекари од 5-ти до 7-ми септември. Смета дека не може преку пациенти да се бојкотира работа и да се даваат повици за масовно земање упати и терапии. Вели, незадоволствата треба да се решаваат на маса со конкретни предлози. Додава дека во изминатиот период постојано дискутирале и повеќе точки се предложени на Влада…

Министерот за здравство не го поддржува најавениот протест на матичните лекари. Тој смета дека не може преку пациенти да се бојкотира работа и да се даваат повици за масовно земање упати и терапии. Според него, незадоволствата треба да се решаваат на маса со конкретни предлози кои ќе бидат разгледани и дискутирани. Вели, не може да се направи промена во системот за месец или два, или под притисок.

Матичните лекари најавија дека од 5-ти до 7-ми септември нема да издаваат упати, ниту ќе пишуваат рецепти. Ова е поради нивниот револт од неисполнувањето на барањата кои ги адресираа до надлежните уште во февруари. Едно од главните е зголемувањето на капитацискиот бод.

Доктор Чолакова вели дека членството очекува до недела некој да каже дека бодот ќе се помести, бидејќи буџетот се полни со пари од народот и треба рамномерно да се распредели и за јавно и за приватно здравство.

Ана Јосифоска Тодоровска