Се бројат штетите од вчерашното невреме
Над 1.000 граѓани пријавиле штети по големото невреме, информира ЦУК. Општинските служби на терен. Се расчистуваат паднатите дрвја, гранки, делови од откорнати покриви. Во Аеродром санирани објектите на две училишта кои биле поплавени…

Откорнати дрвја и паднати кровови, синоќешното невреме во Градот Скопје направи пустош во една од најголемите општини, Аеродром. Овде заеднички и локалната власт и граѓаните ги расчистуваат штетите од невремето.
Аеродромци велат дека не паметат вакво невреме. За 10 минути нивните домови се наполниле со вода, а ветрот однел дрвја и покриви, улиците се претвориле во реки. Денес ги расчистуваа штетите од силното невреме.
„Ролетна скршена, подрумите се полни со вода, лифтот каде што е исто така.“
„Покривот протекува, и кај комшивката горе во зградата се е поплавено од дождот“, велат дел од жителите кои ги анкетиравме.
На местата кои се најпогодени, ангажирани се 100 работници и расчистени се 34 локации со паднати дрвја. За целосно расчистување ќе биде потребна најмалку една недела бидејќи штетите се огромни, вели градоначалникот на Аеродром, Муцунски. Информираше дека се санирани објектите на две училишта кои биле поплавени. Помош бара и од централната власт.
„Апел до централната власт да дојде, да помогне, да се вклучи. Граѓаните нека бидат уверени дека нашите служби ќе бидат максимално на терен, ќе се работи деноноќно, што може побрзо да се расчисти овој проблем. Имаме неколку мали улици кои се непроодно поради тоа што дрвја се паднати врз возила“, изјави градоначалникот на Аеродром, Тимчо Муцунски.
Во општините отворени се телефонски линии каде граѓаните може да пријавуваат штети од невремето.
„Од сето ова, најдоброто нешто што ни се случи е што немаме човечки жртви, неколку семејства се погодени од материјален аспект. Денеска аплицираа за отштета“, вели градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу.
„Ние како општина имаме лице кои е одговорно и тим кој ги утврдува штетите, разгледуваме опција и ние како општина да им помогнеме на нашите сограѓани“, изјави градоначалникот на Кисела Вода, Орце Георгиевски.
До Центарот за управување на кризи стигнале над 1.000 пријави за штети. Од најголем дел е за поплавени простории и објeкти, за паднати дрвја, оштетени автомобили, поплавени улици и подвозници. Директорот на ЦУК, Ангелов информираше дека сè уште на некои места во Скопје има дефекти во снабдувањето со струја.
„Имаме регистрирано најмалку 180 настани на кои е интервенирано од страна на системот за управување со кризи, има најмалку 40 паднати дрва, некои од нив паднати врз возила, а едно дрво паднало и врз возило во кое имало две лица. Поплавени се подруми на 80 објекти, вклучувајќи и еден голем трговски центар“, изјави директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.
Состојбата на сите сообраќајници е нормализирана и утрово јавниот градски превоз се одвива нормално, рекоа од ЦУК.
Викторија Милевска
