Иницијатива Отворен Балкан

Утре во Белград отворање на саемот Винска визија Отворен Балкан

31.08.2022 16:29

Од утре во Белград Отворен Балкан со саем Винска визија, лидерски самит и Македонска вечер...

Од 1-ви до 4-ти септември во Белград во рамки на Иницијативата Отворен Балкан, Србија, Северна Македонија и Албанија ќе го одржат Првиот меѓународен саем за вино Винска визија на Отворен Балкан, лидерски самит на претседателот Александар Вучиќ, премиерите Димитар Ковачевски и Еди Рама, како и Македонска вечер чиј домаќин е македонскиот премиер.

На Самитот ќе присуствуваат и црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ, претседателот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Зоран Тегелтија и министрите за надворешни работи на Унгарија и Турција, Петер Сијарто и Мевлут Чавушоглу.

Саемот се одржува под покровителство на трите влади, а отворањето од тројцата лидер ќе биде утре на Белградскиот саем, на кој се очекува да присуствуваат над 332 излагачи од 22 земји.

Од Македонија под слоганот „Вкуси го животот“ ќе учествуват 42 винарии и три дестилерии кои ќе промовираат преку 300 различни вина и ракии, како и производители на храна кои ќе ја претстават автентичната македонска кујна и од туристичкиот сектор.

„Очекувањата на Шато Сопот винарија од овој настан е да ги претставиме нашите квалитетни вина и да оствариме соработка во Србија и на Западен Балкан“, изјави Зденка Виденова-Шато Сопот винарија.

На 2 септември во Палата Србија ќе се одржи политичкиот дел од Самитот, по кој српскиот претседател Александар Вучиќ и македонскиот и албанскиот премиер Еди Рама ќе одржат Прес конференција.

Отворање на пленарен состанок со министрите за надворешни работи на

Самитот ќе започне со пленарен состанок на министрите за надворешни работи на Србија и Албанија и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

Предвидени се состаноци на лидерите со Инвестициската иницијатива, состанок на групата за менаџирање на кризи за храна и енергетика и потпишување на повеќе билатерални документи, меѓу кои и Договор за соработка во областа на механизмите за обезбеденост со храна во Западен Балкан, Меморандум за разбирање и соработка во областа на кинематографијата и аудиовизуелните дејности во Западен Балкан и други.

Вечерта на 2-ри септември премиерот Димитар Ковачевски пред претставници на бизнис заедниците и владите од Србија, Албанија и Македонија ќе приреди Македонска вечер, на која ќе се промовираат македонски вина, храна, музика и туризам, а за музичкиот дел е задолжен виртуозот Влатко Стефановски.

Оливер Бранковиќ