Власта и опозицијата си ја префрлаат одговорноста за вчерашното невреме
ВМРО-ДПМНЕ бара одговорност од Ковачевски и од УХМР. Од партијата велат, има милионски договор за спречување непогоди, но не функционира системот за авионско засејување на облаците. Реагираат од СДСМ – „не е до системот, за Скопје под вода потфрли локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ“. Од Владата велат се прават напори за санирање на штетите...

Ковачевски и УХМР да одговорат, дали нивните радарски центри го детектирале невремето и го известиле носителот на набавката за засејување на облаците, за да се превенира големата катастрофа која што се случи во текот на вчерашниот ден во главниот град, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ. Според нив доколку не бил известена компанија која требало да го набави системот, очекуваат веднаш оставка од директорот на УХМР и Ковачевски како премиер, а потоа и кривична одговорност за нив.
Во СДСМ во реакцијата велат Трипуновски да им се обрати на јавните претпријатија и локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје„Локалните власти предводени од ВМРО-ДПМНЕ и директорите на јавните претпријатија потфрлија при невремето што го зафати Скопје и околината, дополнија од СДСМ. Невремето предизвика хаос во сообраќајот, а Центарот за управување и контрола на сообраќајот не ги информирал граѓаните што се случува на улиците , посочија во реакцијата социјалдемократите.
Владата е во координација со Центарот за управување со кризи и надлежните институции за надминување на проблемите.
Од владата велат се прават напори за санирање на штетите.
Игор Панов
