Гроси: Посакајте ни среќа, ризиците се многу високи
Шефот на МААЕ, Гроси потврди дека изутрината до пред нивното пристигнување, имало зголемена воена активност во областа. Москва, пак, обвинува дека украинските сили гранатирале во обид да ја преземат контролата врз нуклеарката.

„Посакајте ни среќа“ – изјави шефот на мисијата на Меѓународната агенција за атомска енергија, Рафаел Гроси кој со својот тим пристигна во Запорожје во оцена на безбедноста на нуклеарната централа. Изјави оти ризиците се многу високи.
„Како што знаете постои област, таканаречена сива зона-последната линија на украинската одбрана, пред првата линија на руските окупаторски сили каде што ризиците се огромни. Сепак, веруваме дека можеме да продолжиме. Имаме важна мисија. Веднаш ќе почнеме со процена на безбедносната ситуација во фабриката, ќе ја разгледаме и можноста за воспоставување континуирано присуство на МААЕ во централата, што е неопходно за стабилизирање на ситуацијата и да се избегне нуклеарна несреќа“, изјави Рафаел Гроси, шеф на мисијата на МААЕ.
Гроси потврди дека изутрината до пред нивното пристигнување, имало зголемена воена активност во областа. Москва, пак, обвинува дека украинските сили гранатирале во обид да ја преземат контролата врз нуклеарката. И додека борбите низ Украина продолжуваат, 1-ви септември ја најави новата учебна година. Среде конфликт, дел од децата се враќаат на училиштните обврски.
„Денеска е денот на знаењето, 190-тиот ден на знаењето. Животот – против сите шанси, и покрај сите закани. Важно е учебната година да започне. Важно е учењето да продолжи. Затоа што ова знаење ни дава сила. Ова знаење стана наше оружје“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Во војната беа уништени или оштетени повеќе од 1.800 училишта. 51 насто од објектите сега се подготвени повторно да го почнат образовниот процес и покрај ризиците. Враќањето во училиштата, како и насекаде во светот, доаѓа со возбуда од повторното поврзување со пријателите. За жал, секој ученик се запознал со звукот на сирената за воздушен напад. Училиштето, во Чернихив, претрпе голема штета во бомбардирањето. Денеска неговите деца ќе бидат распоредени во други училишта. 10-годишната Kарина се сеќава на моментот експлозијата. Била во нејзиниот дом близу училиштето кога одекнала бомбата.
„Се исплашив, ни беше скршено стаклото, а мајка ми беше речиси прикована за ѕидот покрај вратата. Лустерот за малку ќе паднеше врз мене“, изјави Карина Музика, ученичка.
14-годишната Софија ја посети нејзината уништена училница. Другарка ѝ загинала во гранатирањето.
„Плачев по завршувањето на бомбардирањето. Потоа сфатив дека нема повеќе училиште и дека е дојден крајот“, вели Софија Жир, ученичка.
Училиштата кои немаат брз пристап до засолништа или се во близина на активни воени зони, ќе учат само онлајн.
„Тоа стана нешто ново нормално за децата, што е многу загрижувачко бидејќи децата не треба така да минуваат низ животот, мислејќи дека ќе бидат нападнати во секој момент. Но, тие се навикнуваат на тој начин на живот, мора да бидат заштитени од евентуален напад, а тоа не е она со што секое дете треба да се соочи“, изјави Кетрин М. Расел, извршен директор на УНИЦЕФ.
Властите велат дека регионот Чернихив претрпел загуби од 380 милиони долари во образовната инфраструктура. Кога Русите се повлекоа, оставија зад себе 133 оштетени и 13 уништени училишта. Според канцеларијата на Генералното обвинителство на Украина, најмалку 379 деца се убиени од почетокот на војната, додека судбината на 223 други не се знае. Останатите над 7.000 деца се меѓу Украинците кои беа насилно префрлени во Русија од областите окупирани од Русија.
Бојана Крстевски
