Образование

Почна учебната година без ковид протоколи и заштитни маски

01.09.2022 12:50

Почна учебната година. 255.000 основци и средношколци седнаа во училишните клупи без ковид протоколи и заштитни маски. Најсреќни првачињата. Успешен почеток, нови знаења и вештини – им посакаа државниот врв, министерот и градоначалниците…

Летниот распуст заврши, учениците се враќаат на настава. Најстарото училиште во земјава „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ги отвори вратите за 47 првачиња. Приборот за пишување купен, останува да се прелистаат учебниците за да се дојде до знаењето.

„Купивме само ранци, прибор и шишиња“, вели една ученичка.

„Сè уште не сме купиле ништо, чекаме списот“, вели родител.

Без протоколи и ограничувања, наставата е со физичко присуство. Родителите задоволни што нивните деца освен што ќе учат, ќе може и да другаруваат.

„Мене многу ми се допаѓа, да се врати се во нормала како што беше порано.“

„Со физичко присуство секако е подобро, но како налагаат условите така и ќе биде“, велат родителите.

Од училиштето за МТВ велат – подготвени се за предизвиците што следуваат.

„Новите наставни материјали веќе ги добивме, денеска ќе ги добијат учениците на рака. Учебниците се во завршна фаза, подготвени се материјали и ќе можеме без проблем да ја почнеме учебната година“, вели Соња Кирковска, директор на ОУ „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.

Добредојде за првачињата и од претседателот Пендаровски и од градоначалникот Герасимовски. На 186-тата генерација и посакаа петки, здравје и многу авантури.

„Стекнувањето нови знаења носи нови вредности за вас, но и вашите идни успеси во животот, но и вредности важни за државата. Вие сте иднината“, нагласи градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски.

Свечености за успешен старт на учебната година се одржаа и во други општини. Во некои од нив како, во Кисела Вода, Бутел, Аеродром се делеа ранци, тетратки и прибор за пишување.

„Општина Кисела Вода за сите 625 првачиња од 11-те општински основни училишта обезбеди бесплатен анатомски ранец со училиштен прибор и тетратки кои им се неопходни за наставниот процес“, изјави Орце Георгиевски, градоначалник на општина Кисела Вода.

Дел од учениците во различни одделенија сепак наставата ќе ја почнат без учебници, затоа што, велат во Бирото за развој на образованието, книгите се во фаза на одобрување и треба да бидат отпечатени до крајот на првото тромесечје.

За учениците од прво, второ, четврто и петто одделение се подготвени нови наставни програми согласно концептот за реформи во основното образование, кој се спроведува од минатата година, а треба да заврши во рок од пет години.

Анита Димитријевска Велковска