Виена

Конфликтот во Украина и намалување на последиците од кризата – приоритети во претседавањето со ОБСЕ

01.09.2022 14:11

Министерот за надворешни работи Бујар Османи пред амбасадорите во рамки на постојниот Совет на ОБСЕ, ја образложи рамковната платформа на претседавањето во 2023 година. Со фокус на актуелните предизвици во регионот на ОБСЕ, не ја изостави и сложената геополитичка констелација на односите издвојувајќи ги енергетската безбедност, безбедноста на храна и вода, како теми што со својата актуелност се наметнуваат и врз агендата на ОБСЕ како и улогата на организацијата во војната во Украина …

Реализацијата на приоритетната рамка во најголема мера ќе зависи од развојот на ситуацијата во Украина, која директно се рефлектира на односите во ОБСЕ, рече пред амбасадорите во рамки на постојниот совет, министерот за надворешни работи Османи. Тој додаде дека живееме во ера на турбуленции. Ситуацијата во регионот на ОБСЕ е критична. Рамковните приоритети се подготвени во корелација со актуелната политичка слика и треба да го одразат општиот интерес на организацијата во време на криза. На тој начин, демонстрираме совест за реалните предизвици, додаде Османи.

„Украина и натаму ќе остане наш приоритет. Тоа е исто така и причината поради која ги поддржуваме активностите на ОБСЕ во Украина. Да не заборавиме дека има и други намери во регионот на ОБСЕ кои претставуваат голема грижа. Важно е да се гради врз веќе постоечките формати и да се обезбедува поддршка за нашето присуство на терен и во тамошните операции. Организацијата мора да остане ангажирана во повеќе региони во потрага по мир“, нагласи шефот на дипломатијата Османи.

Османи ја посочи енергетската безбедност како еден од најважните приоритети.

„Енергетската безбедност е многу значаен дел од безбедносната агенда. Доби уште поголема важност со војната со агресија во Украина. Безбедноста на храната се истакна како важна тема на дискусија како последица на војната. Но, истовремено може да предизвика идни конфликти, а ако нема навремен и соодветен одговор тие проблеми ќе се повторуваат. Тоа е исто така важно и за безбедноста на водата“, нагласи Османи.

Османи рече дека е голема честа што од земја корисник на услугите на ОБСЕ стануваме земја која ќе претседава со оваа организација. Тој уверува дека можеме да дадеме уникатен придонес при претседавањето, а тоа е специфичниот карактер на нашата функционална мултиетничка демократија како уникатен модел.

Фиљана Кока