Македонија

Куманово: Основци во средно поради проблеми со кров

01.09.2022 14:14

Основци од две училишта од Куманово, кои делат заедничка зграда, учебната година ја почнуваат во гимназијата „Гоце Делчев“. Ова следи, бидејќи сè уште нема решение за проблемот со кровот на нивните училишта. На два дена пред учебната година, Владата информираше дека се обезбедени средства за реконструкцијата. Надлежните се надеваат дека основците во второто полугодие ќе се вратат во својата училишта зграда.

Учениците од трето и петто одделение од основните училишта „Крсте Мисирков“ и Браќа Миладиновци од Куманово учебната година ќе ја почнат во гимназијата „Гоце Делчев“. Тие ќе се образуваат во просториите на средното училиште сè додека не се поправи кровот на нивната училишна зграда. Одлуката ја одобрија родителите, училишните одбори и Советот на општината. Проблемот со кровот со зградата којашто ја делат двете основни училишта датира од 2018-та година. Но веќе две години надлежните алармираат за влошената состојба.

„Временскиот период беше доста краток мораше да најдеме алтернативно решение. Знаеме дека горниот кат е веќе целосно уништен, плафоните се накиснати, небезбедни. Ова е временска одлука поради безбедносни причини за да учениците навреме ја стартуваат годината со физичко присуство“, изјави Александар Јовановиќ, раководител на Сектор за образование Општина Куманово.

Лани по одлука на Министерството за образование и наука учениците посетуваа комбинирана настава, со физичко присуство и онлајн. Годинава родителите не прифатиле учениците да имаат наставата од дома. Гимназијата „Гоце Делчев“ била најприфатливо решение за времено користење на просториите, бидејќи се наоѓа на само неколку метри од двете училишта.

За учениците од „Крсте Мисирков“ и „Браќа Миладиновци наставата во гимназијата Гоце Делчев ќе се реализира во различен временски интервал, 15 минути подоцна. Тие ќе работат во четири различни простории.

На само два дена пред почетокот на учебната година, Владата објави дека годинава ќе обезбеди околу 15 милиони денари со кои ќе се реконструира кровот на објектот на двете основни училишта. Постапката за избор на изведувач на градежните активности е планирано да започне следниот месец.

Елена Георгиевска