Средба Маричиќ-Јоксимовиќ
Србија и Македонија ќе потпишат меморандум за соработка на заедничкиот европски пат...

Србија и Северна Македонија немаат лесен пат кон ЕУ и имаат многу допирни точки за заеднички да работат и заедничка да разменат искуства, поради што двете држави за таа цел ќе потпишат меморандум за соработка за евроинтеграции, се договорија на денешната средба во Белград во рамки на Отворен Балкан, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и министерката за евроинтеграции Јадранка Јоксимовиќ.
Маричиќ по средбата изјави дека со задоволство се прифаќа идејата да се направи меморандум за соработка и тој да се надгради во контекст на новата методологија и кога Северна Македонија ги започна преговорите, што ќе биде корисно и за двете држави, оти ако работиме заедно ќе можеме да напредуваме побрзо и да произведуваме подобри резултати за нашите граѓани.
„Тоа ни дава право да побараме да бидеме вклучени во решавањето на сегашните и идните кризи поврзани со енергетското снабдување, со снабдувањето со храна и струја, Сето ова се прашања кои се поврзани со опстојувањето на нашите граѓани во овој тежок период што ни престои. Бидејќи се покажавме како кредибилен партнер на ЕУ очекуваме од неа да не вклучи во идните планови за решавање на овие проблеми за државите членки на ЕУ“, изјави Бојан Маричиќ, вицепремиер за европски прашања.
Српската министерка Јадранка Јоксимовиќ изјави дека им честитала на Северна Македонија и Албанија за отворањето на преговорите за членство во ЕУ, и Србија „земајќи предвид какви се политички барања имала кои го одложиле нејзиниот пат, го разбира тешкиот пат што го измина Македонија и низ што се поминала да ја постигне целта.“
„Ние разговаравме и за бројни проекти финансирани од ЕУ во рамки на Европскиот инвестициски план за Западен Балкан, за гасниот интерконектор меѓу Србија и Северна Македонија, што во овој момент е од исклучително значење за граѓаните и кои се предизвиците пред нас“, изјави Јадранка Јоксимовиќ, министер за евроинтеграции на Србија.
Таа кажа и дека на Скопје му е понудена секаква помош во преговарачкиот процес со ЕУ и дека утре во рамки на политичкиот дел од Отворен Балкан ќе се одржат важни панели кои ќе се однесуваат на европските проекти, вклучително и на гасниот интерконектор меѓу Србија и Северна Македонија, но и енергетските прашања и снабдувањето со храна.
Оливер Бранковиќ
