Свет

Обид за атентат во Буенос Аирес

02.09.2022 13:00

Обид за атентат на потпретседателката на Аргентина, Кристина Фернандез де Киршнер, пред нејзиниот дом. Маж ѝ вперил пиштол во главата и го повлече чкрапалото. Оружјето не испукало. На Киршнер ѝ се суди по обвиненија за корупција. Стотици поддржувачи биле собрани пред нејзиниот дом во Буенос Аирес кога се случи нападот…

Среќата застана на страната на аргентинската потпретседателка Кристина Фернандез де Киршнер која за влакно преживеа атентат, откако пиштолот на напаѓачот не испука куршум. Мажот се обидел да и пука в лице во моментот кога Киршнер ги поздравувала своите поддржувачи пред нејзиниот дом. Таа е неповредена. Претседателот на Аргентина Алберто Фернандез го осуди нападот.

„Тој човек и впери пиштол во главата и го повлече чкрапалото. Кристина е жива, бидејќи од некоја причина, која допрва треба да се потврди, пиштолот не пукнал. Ова е најсериозниот настан низ кој сме поминале откако Аргентина ѝ се врати на демократијата“, изјави претседателот Фернандез.

Напаѓачот е идентификуван и станува збор за 35 годишниот Фернандо Андрес Сабаг Монтиел, бразилски државјанин, кој претходно и бил познат на полицијата поради проблеми со законот. Во минатата година добил кривична пријава откако силите на редот во неговото возило пронашле мачета.

„Ја чекавме нашата сакана Кристина и таа дојде само да не поздрави. Одеднаш слушнав викотници, настана турканица. Тој се обиде да пука, веднаш го грабнаа човекот и го одвлекоа од овде. Засекогаш ќе го имам лицето на тој мизерен тип во мојата глава.“

„Ова кажува повеќе за непријателоттреба да бидеме свесни за ситуацијата, но борбата не е завршена. Тоа значи дека треба да се преземат поголеми мерки на претпазливост.“

Против потпретседателката Киршнер се води судски процес за корупција. Обвинета е за измама со јавни тендери додека ја извршувала функцијата претседател на Аргентина од 2007-ма до 2015-та година. Доколку биде осудена и се заканува затворска казна од 12 години и доживотна забрана за политички ангажман. Таа и претходно се соочува со многубројни судски процеси откако го заврши нејзиниот мандат како претседател на државата. Киршнер ги отфрла сите обвинувањата.

Маја Стојанова