Успешно заврши 55. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ

Странските македонисти и слависти решени да продолжат да ја афирмираат македонистиката во светот

02.09.2022 13:46

Во изминатите 17 дена, во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид, тие следеа лекторска настава со вкупен фонд од 54 часа и 11 предавања на еминентни истражувачи од УКИМ, за важни теми за македонскиот јазик, литература и култура. Дел од нив следеа и преведувачка работилница и курс за народни ора.

Ќе продолжиме да ја раскажуваме македонската приказна и да ги афирмираме македонскиот јазик, литература и култура низ светот. Македонскиот јазик со своите специфики е исклучителен предизвик и остануваме посветени на неговото изучување. Во следниот период, уште повеќе ќе се посветиме и на нови преводи на дела од современата македонска литература. Новите изданија на учебниците, лекторската настава, предавањата и значајните публикации и материјали кои ги добивме ни овозможија нови видици. Научивме многу за македонската култура и подготвени сме за нови истражувачки потфати преку кои нејзините вредности ќе ги претставуваме на странските универзитетки центри.

Ова се дел од пораките кои 60-тина странски македонисти и слависти од 17 држави ги упатија во завршницата на јубилејната 55. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ). Школата заврши денес, со врачување уверенија и со споделување импресии од учесниците од Австрија, Германија, Грција, Италија, Полска, Република Кореја, Романија, Руската Федерација, Соединетите Американски Држави, Словачка, Словенија, Србија, Турција, Унгарија, Франција, Хрватска и Чешката Република. Меѓу нив се и универзитетски професори, значајни истражувачи од славистичкиот свет – лингвисти, книжевници и културолози и книжевни преведувачи, но и млади кадри, нови генерации посветеници на македонистиката.

Во изминатите 17 дена, во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид, тие следеа лекторска настава со вкупен фонд од 54 часа и 11 предавања на еминентни истражувачи од УКИМ, за важни теми за македонскиот јазик, литература и култура. Дел од нив следеа и преведувачка работилница и курс за народни ора.

Според оцените на учесниците, јубилејната 55. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ се издвојува како една од најдобро организираните, со програма којашто опфати низа нова теми и ги мотивираше и на нови проекти преку коишто ќе јакнат врските на македонистиката со странските универзитетски центри и воопшто со странските културни средини. Семинаристите, особено искажаа задоволство и од опфаќањето интердисциплинарни теми, со сегменти од македонската култура коишто претходно не биле дел од програмските содржини на школите на МСМЈЛК при УКИМ.