Концерт

Трпчески: „Македонисимо“ конечно доаѓа дома

02.09.2022 14:11

Уникатниот проект се состои од сплет на 23 нумери, главно ора и по некоја песна. Македонската премиера е закажана за 14-ти септември на платото пред Националната опера и балет во Скопје. Следните изведби се предвидени во Штип на 24-ти септември и ден подоцна во Битола. Влезот за сите настани ќе биде бесплатен.

Пет години по светската премиера во германскиот град Лудвигсбург, животниот музички проект на пијанистот Симон Трпчески „Македонисимо“, кој ја спојува македонската народна музика со влијанијата на џезот и класичната музика, конечно и пред македонската публика.

Уникатниот проект се состои од сплет на 23 нумери, главно ора и по некоја песна. Македонската премиера е закажана за 14-ти септември на платото пред Националната опера и балет во Скопје. Следните изведби се предвидени во Штип на 24-ти септември и ден подоцна во Битола. Влезот за сите настани ќе биде бесплатен.

Пред светската премиера, Трпчески четири години работел во својата глава на овој проект, а креативниот процес со композиторот Панде Шахов траел една година.

„Македонисимо“ конечно доаѓа дома и горд сум што ќе имаме можност да го претставиме пред народот на кој му е посветен, вели Трпчески.

„Македонисимо“ досега е изведен во Словенија, Полска, Франција, Велика Британија, Холандија, Србија, Романија, Црна Гора, Јужна Кореја и Канада, а деновиве е и швајцарската премиера.

Проектот ќе добие и своја оркестарска верзија, која премиерно ќе се изведе на 2-ри март во култната сала „Музикферајн“ во Виена, најави Трпчески.

Александра Спировска