Куманово: Тротоарите слободни, земјоделците на пазар
Куманово го решава проблемот со дивите пазарџии кои узурпираа јавни површини. Постигнат е договор да плаќаат дневна карта за користење тезга во зелениот пазар. Од кумановско „Пазариште“ задоволни од постигнатото решение, но загрижени од актуелната состојба со енергетската криза. Велат искористени се сите расположливи ресурси. Средства за енормно високите сметки за електрична енергија, нема.

Наместо да ги блокираат јавните површини, индивидуалните земјоделците од кумановско, во иднина своите производи ќе ги продаваат на тезгите во зелениот пазар. По постигнатиот договор со надлежните од јавното претпријатие „Пазариште“, тие ќе плаќаат дневна карта од 120 денари за тезга. Досега овие лица не користеа тезги на пазарот затоа што требаше да плаќаат месечна закупнина, а продаваат претежно свои производи, во мали количини. Нивното присуството надвор од пазарот создаваше метеж, па често беа на удар на инспекциите.
„Главното барање на нашите постоечки корисници на тезги кои се внатре беше дека се соочуваат со нелојална конкуренција. Надвор беа блокирани улиците, тротоарите имаше диви продавачи. Денеска сите се внатре и се надевам дека ова ќе биде трајно решение“, вели Гзим Кадриу, директор на ЈП „Пазариште“ Куманово.
За девет месеци колку што сум на функцијата успеавме да ја намалиме загубата со која што се работеше, појаснува првиот човек на кумановско „Пазариште“. Но, тој укажува дека дополнителни проблеми врз финансиската состојба предзвикаа законот за минимална плата и недела неработен ден. Последниот удар е од енергетската криза.
„Јавното претпријатие во јули 2021 имало потрошено електрична енергија од 86.000 денари, оваа година од 430.000 денари, тоа значи шестпати покачување, што на нас како претпријатие веќе ни е поголем проблем, ги имаме искористено максимално сите капацитети кои се на располагање“, дополни тој.
Од Пазаришта нагласуваат дека сами не можат да ги надмират трошоците за електрична енергија. За проблемот веќе ги запознале надлежните институции. Тие се надеваат дека Владата ќе обезбеди субвенции.
Елена Георгиевска
